Pages

Tuesday, October 30, 2012

Уличката со нерамна калдрма


Многу често мирисот на есен го надвјасува прсоторот околу мене. Често палам цигара во своја одбрана, трудејќи се да не му дозволам на есенскиот мирис да ги контаминира моите спомени, вадејќи еден по еден во форма на слики, зборови, звуци бои, приказни и мириси секако. Пробав и денес да се одбранам, но неуспешно. Можеби денес и не беше мирисот виновник...барем не примарен. Бркајќи си ја својата сенка и бегајќи што подалеку од мирисот на Есен, случајно се загледав во тлото под мене. Погледот врз старата и нерамна калдрма, на осамената улица недалеку од мојот дом, создаде толкав потрес во мене, што низ никотискиот чад, ми се чиеше дека пролетаа сите спомени врзани за нејзе. Не знаев колку чекори беше должината на калдрмата, но со секоја нова стапка се појавуваше нов, можеби и на моменти заборавен спомен. Се приестив на истата улица, на истата калдрма, пред две, пет десет години. На есен подожлива од денес. На мене посреќен од сега. На тенок слој мраз и излитени и лизгави чевли кои се мачеа да го пројдат сето тоа лизгаво растојание. Се присетив на месечината полна како денес, додека ја испраќав Е. На стопената и врела калдрма пред две, пет, десет лета додека неуморно итав, некаде и кон некого. На старото трупче од исечениот орев, на кое И се качуваше да биде повисока од мене. Колку само чекори тука сум направил, и колку само биле различни меѓу себе. Некогаш доживував крешендо минувајќи низ калдрамата, а некогаш чекорите беа поспори и од валцер. Некогаш гласни кикоти одѕвонуваа од калдрмата, оние моите и оние на М. А некогаш заедно ја делевме тишината, немо и во себе прашувајќи се ЗОШТО и ДАЛИ и КОГА. Се присетив на моето моето тврдоглаво докажување на Н дека јас не знам да глумам, дека никогаш и нема да научам. На моето убедување на М дека почетокот никогаш не го смислувам, дека самиот излегува од мене, а потоа едноставно го размножувам. На моето признавање на И дека пишувам само кога сум несреќен, бидејќи среќата ја делам со луѓе а несреќата со хартијата. На мојата препирка со Е дека сум егоцентрик бидејќи пречесто го користам ЈАС. На мојата исповест дека ЈАС и самиот не се заслужувам. Прошетката по калдрмата траеше минути, можеби и секунди, патувањето во минатото, траеше со векови. Предоцна станав свесен дека веќе сум далеку од домот, исто онолку предоцна колку што стигна есента годинава. Исто толку предоцна колку што сфатив дека некои спомени морав порано да ги потрошам. Вртејќи се назад кон калдрмата случајно погледнав во иднината, во десет, дваесет триесет години од денес. Во ноќ како оваа, есен како оваа и месечина како денешната ги бројам чекорите по калдрмата 325 се. И одново спомените штрчат како голите гранки. На денот денешен, на моите денешни чекори. Се гледам себеси за десет, дваесет, триесет години како се борам да не се сетам на вечерва, дека не сум се сеќавал ниту на Е ниту на И, ниту на М и Н. И тогаш есента исто ќе мириса, и коцките калдрми ќе бидат исти. И јас ќе бидам истиот, вечно гледајќи ги сликите од калдрмата, како прават зборови, редови, приказни и цели книги пред мене. И за илјада години отсега, кога мојата душа ќе заслужи повторно, само кратко, навистина кратко да прошета низ светов, најдолго ќе се задржи над уличката со нерамна калдрма. И тогаш ќе види некој, сличен на мене, во есен и ноќ слични на овие, како се бори спомените да не му излетаат пред очи. Да се присетува на некои свои омилени букви и ликови. Да се бара себе во спомените. И тогаш, илјада години од денес, нема да избледи сеќавањето на оваа вечер на оваа улица, под оваа месечина. Ќе се сеќава некој сигурно. На некого сигурно како спомен ќе му пројдат некои мои зборови и постапки. Бидејќи сеќавањата се тие што остануваат, тие што не прават живи макар на момент, иако одамна сме го напуштиле светот.   

No comments:

Post a Comment