Pages

Wednesday, April 18, 2012

(По)меѓу нас...

Можеби победите ми се случајни, ама затоа сите порази ми се детално планирани. Планови останаа меѓу нас...и нечии порази...и ничии победи. Помеѓу нас останаа ѕидови од зборови. Стоевме немо и ги гледавме, заемно надевајќи се дека нечиј молк ќе биде доволно силен за да ги сруши. Помеѓу нас...на местото каде што случајно се разминавме, на местото каде што ни завршија погледите, останаа да лебдат мислите. Ене ги, уште се таму тврдоглаво инаетејќи се чија последна ќе остане. Токму во тоа дождливо утро, враќајќи се во својот дом, потполно обземен од себе, со одлучен потег ги извадив сите тетратки, тефтери и бележници. Ги искинав сите пророчнички приказни, и сите мои редови во кој јас не бев јас. Бесно ги кинев на што поситни парчиња. Се плашев дека доколку останат големи парчиња хартии, приказните ќе се спојат и пак ќе се вратат. Го отворив прозорецот и ги исфрлив ситните хартивчиња. Магично делуваше моментот кога конфетите од некогашните приказни излбедуваа и се раствораа во калта заедно со илјадниците капки дожд врз нив. Дожд...тоа остана меѓу нас. Задлабочен во налетот на капките врз олуците несвесно заспав. Никогаш не сум спиел подобро. И никогаш не сум се разбудил полошо. Ѕидовите околу мене беа преполни со многубројни слики. Речиси и да немаше сантиметар гол ѕид. Само слики... различни по форма...по големина. Различни слики за сите приказни. Истиите оние што ги фрлив на дождот. Помина време додека сфатив дека не сонувам. Напротив, сосема трезвено заклучив дека можеш да уништиш книги, но не и приказни. Приказни...тоа остана меѓу нас.