Pages

Sunday, January 13, 2013

Проштално писмо (Збогум граду мој)


И покрај сите колебања, недовршени страници и залудно потрошени мигови, јас сфатив дека едноставно мора да ти пишувам. Знам дека е бесцелно, но ете дел од мене неповратливо бара да потрошам страна две посветени на тебе. Јас знам дека ниту илјадници вакви писма нема ништо да променат. И наполно сум убеден дека и после ова, јас ќе бидам јас, а ти ништо повеќе од она што си сега. Воопшто и не се сеќавам кога прв пат те нареков Љубов. Можеби тоа беше едно пеколно топло јулско утро, кога со моите девет или десет години, те здогледав на старата автобуска станица меѓу сиот оној метеж од луѓе и звтомобили, и мешаницата на стотина гласови и мириси. А можеби те засакав и многу порано. Онаму, кај еден бледа и тесна барака на која пишуваше „Железничка станица Ѓорче Петров“. Се сеќавам како низ магла, враќајки се по неколку месеци од место кое денеска е туѓо, и јазик кој денеска е непознат, во себе си спомнав дека ти си мојот единствен свет. И се уште го паметам радосното светкање на очите во таа далечна средба. Ете, мојата љубов трае...траеше со децении. Но што денес, љубов моја? Останаа безброј заеднички талкања, безброј студени, пријатни, весели, тажни, топли ноќи во кои јас и ти, заедно осамени се баравме себеси. Јас се уште не се пронајдов, а ти уште толку се изгуби. Не, јас денес не те познавам. Денес нема ниту момент од тебе кој ќе ми создаде трепет и восхит од твоето присуство. На премногу луѓе им дозволи да те променат. А јас дозволив да гледам како бегаш од мене. Се помалку мигови ме прават среќен со тебе. А се сеќавам...се сеќавам како да беше вчера, кога не сакав никогаш да те напуштам, кога силно посакував таксито да вози километри и километри подалеку од крајната дестинација, да бидам што подолго со тебе. Сите оние места што некогаш значеа среќа денеска се гробници на спомени, прекирени со мрачни сеништа од ребрасти лимови, украсени со прашина, и промени во непознато. Граду мој, порано беше љубов, денес си само казна. Не ни сонував дека некогаш ќе те изгубам. Не ни замислував дека наместо со мене и сега, ќе се дружиш со Барок, Кич и Шунд. Граду мој, некогаш ти припаѓав. Денес, живеам во тебе, покрај тебе, само поради пресуда. Денес не си веќе љубов. Денес си само лоша навика. Навика која сепак ме тера да ти се израдувам секој пат кога по подолго време повторно ќе те сретнам. И навика која во следниот момент ми кажува колку ТИ веќе не си ТИ. Граду мој, после нашата љубов останаа само пар насмевки просеани по „Орце Николов“, дузина среќни погледи на расцветаните јапонски цреши на „Максим Горки“ и стотици гадења од сиот тој мермер, закоравена бронза и сета онаа смеса на се она што е неспоиво. Граду мој, лесно ги продаде сите оние зеленила во кои те љубев. И сите чекори во бескрајно долгите прошетки низ тебе, веќе не значат ништо. Не, јас повеќе не те чувствувам, јас механички живеам покрај тебе. Во слава на некогашната и никогаш неповторлива љубов. Граду мој, порано беше љубов, сега си само обично тажно и диво градилиште. И сите оние кранови висат како Дамоклов меч над нас и нашето заедничко постоење. Не, јас веќе не делам ништо со тебе. И сите оние спомени што ги врежав веќе не постојат. Заминаа под налетот на моќните булдожери. Би сакал уште еднаш да те гушнам пред да заминам, но верувај ми дека немам сила ниту за тоа. Се плашам дека ако повторно ти пријдам, ќе ме измамиш со сентименталност и повторно ќе ме заробиш. Збогум граду мој. Не свртувај се, и не моли ме да останам. Не сум толку моќен за да те вратам. Исто како што не бев моќен да ги спречам сите оние кои толку те нагрдија. Кои од дама те претворија во евтина курва. Зборгум граду мој. Те молам зачувај ми барем една улица непроменета, за да имам каде да останам кога ќе се вратам...некогаш Зачувај ми макар стотина метри кои барем малку ќе ме потсетуваат на една долга и тажна љубов. Збогум граду мој, ќе те спомнувам секогаш и секаде, како пример како прекрасна бајка се руши во невиден кошмар. Збогум граду мој...