Pages

Tuesday, May 31, 2016

Трите орхидеи


Будилникот тоа утро заѕвони во точно шест часот и триесет минути. Не поминаа ни две секунди, една тешка рака го преврте и тој престана со ѕвонењето. Низ собата се слушаа нерамномерни чекорења и спорадично крцкање на стариот паркет. Еден стар човек ја напушти собата и тргна кон бањата. Оттаму можеа да се чујат неговите упорни и гласни искашлувања. По краткиот престој во бањата, старецот се врати во собата и го вклучи шпоретот. Додека старото ѓезве ја вриеше водата, тој ги слече своите пижами. Облече чиста и испеглана кошила, стари сомотни пантолони и нагрна еден кадифен елек. Кафето траеше пет голтки. Половина филџан вода, две лажици кафе и една лажица шеќер. Откако го изми филџанот старецот седна да појадува. Едно јајце сварено доцна вечерта, две кришки бајат леб и половина конзерва паштета. Потоа, старецот ги облече своите кафени кондури, внимателно ги исчетка со боја и излезе од куќата. Попатно, ја заклучи портата од дворот и го провери поштенското сандаче. Потоа тргна по „Берлинова“ заврте по „Адамсова“ и тука, спроти малото плоштатче застана да го чека автобусот. За неколку минути дојде автобусот број „148“. Се возеше неколку станици а потоа се симна на главниот булевар и влезе во цвеќарницата сместена на самата автобуска станица и купи три орхидеји. Потоа го помина булеварот и седна на една од клупите крај тротоарот. Погледна на својот часовник и забележа дека малку задоцнил. Наместо десет и дваесет, часовникот покажуваше дури седум минути понапред. Таа глетка малку го растревожи но остана спокоен и загледан во пешачкиот премин спроти него. На клупата отседе точно тринаесет минути. Во точно десет часот и четриесет минути старецот стана од клупата, ги положи цвеќињата на првата лента од булеварот и си замина. 

Беше тоа Јосиф. Имаше точно шесеетиседум години иако тој тврдеше дека има шеесет. Велеше дека последните седум години не ги живее туку дека му се појазмени. Цели седум години Јосиф стануваше во исто време, пиеше исто кафе, појадуваше ист појадок, облекуваше иста облека. Цели седум години тој во точно време ја напушташе својата куќа и одеше по истите улици. Седум години, секој ден Јосиф се возеше со истиот автобус и се симнуваше на истата станица. Секој ден од истата цвеќарница купуваше три орхидеи и секој ден точно во десет и четриесет ги положуваше на истото место. Се беше исто како и пред седум години. Во десет часот и дваесет минути тој и неговата сопруга тргнаа кон малата цвеќарница за да купат цвеќе за свадбата на нивен роднина. На обострано инаетење, сопругата на Јосиф реши да претрча преку булеварот и да купи цвеќиња. Но таа не направи ниту два чекора, а тука на првата лента, на еден метар од пешачкиот премин ја збриша автомобил кој се движеше со огромна брзина. Виновникот никогаш не беше пронајден. Во точно десет часот и четриесет минути брзата помош констатираше смрт. Подоцна се установи дека бил некој важен човек од власта. По силниот удар, на булаварот имаше само распарталена жена, расфрлани чевли, растурена чанта и три разлетани орхидеји. Јосиф се упати кон својот дом. За него денот беше завршен и почна да го планира следниот. Ги соблече кошулата и елекот и почна да ги пегла. Во позадина се слушаше бука од старото ѓезве во кое овојпат се вареше неговиот појадок за изутрина.