Pages

Thursday, March 13, 2014

Три феномени на погубно политичко неделување



Правото на глас е есенцијата на секој демократски систем.  Со собирање на доволен број на гласови се менуваат власти на локално и државно ниво, но и се воведуваат или укинуваат одредби за кои постои широк граѓански договор преку Референдум (на локално или државно ниво) како врвен  инструмент на непосредна демократијаИако правото на глас е најлегитимниот и најдемократскиот начин за менување на една власт, многумина не веруваат дека нивниот глас може нешто да промени. Таквото сфаќање на избирачкиот процес може да се темели на недоволната политичка писменост помеѓу гласачите, или пак на нивното свесно неделување кое може да биде мотивирано од Х причини. Луѓето кои се решаваат на различни начини на бојкотирање на изборниот процес, по дефиниција не припаѓаат на ниту едно гласачко тело, или „партиско стадо“, но тоа нималку не ги амнестира од одговорност од крајниот исход. Имено, кој и да победи на едни избори, неговата победа во добар дел се должи и на оние кои не гласале. Поборниците на изборните бојкоти ќе ви дадат десетици причини и објаснувања за нивните мотиви да не гласаат. Јас издвоив три феномена кои се појавуваат во македонското гласачко тело, а за кои сметам дека се најчести, и меѓу себе подеднакво опасни, особено во држава како Македонија, која се уште е далеку од демократска зрелост.

1.      Феноменот „Сите се исти“

Ова е најчестиот одговор кој ќе го чуете од поборниците на бојкотирање на изборните процеси. Теза која во својата суштина ја открива немоќта на поединецот нешто да смени дури и кога му се нуди таква можност, но и теза која во себе крие склоност кон авторитарност, бидејќи она „сите се исти“ значи дека кој и да владее, ќе владее како неговиот претходник. Оттаму поборникот на ова тврдење со неизлегување на избори остава другите да му одберат водач, кој секако ќе биде ист како претходниот. По ваквиот став логично е прашањето зошто поборниците на „Сите се исти“ не заговараат укинување на изборите и оставање на власта да владее во наредните 100 години? Бидејќи сите политички субјекти се исти, нема потреба од трошење државни пари на толку скапи процеси како што се изборите. На минатите избори во Р.М. беа предложени 18 пратенички листи создадени од партии или коалиции, со преку 50-тина политички партии. Тврдењето дека сите 18 листи се исти е мошне опасно и истото во голема мера им одговара на владејачките партии. Освен ако сите 18 листи се далеку под интелектуалното или социолошкото ниво на оној кој ги смета за исти. Што од друга страна го најавува феноменот број два.

2.      Феноменот „натпартиска и натполитичка личност.“

Тоа се луѓе кои гласно заговараат дека политиката е само за „неуките простите и безрбетниците“. Во своите настапи јасно и недвосмислено тврдат дека политиката никогаш не била “кул“, додека исто толку јасно и недвосмислено го мешаат „партиското“ и „политичкото“, постојано не правејќи разлика помеѓу партија на власт и држава. Велат дека не се „замараат“ со политика, не знаејќи дека и најобичната забелешка кон лоша услуга на пример во здравство, судство и слично е токму тоа – „замарање“ со политика! Редовно мудруваат на социјалните мрежи како државата е срање и уште поредовно не преземаат ништо за да променат. Излегувањето на избори за нив е далеку под нивното интелектуално ниво, а самиот чин за заокружување на било кој број на гласачкото ливче го сметаат како издавање на нивниот кул и хипер урбан дух. Дури и ако рекреативно се појават на гласачко место, по дефиниција прават неважечко ливче преку кое ја „праќаат нивната порака“ која најчесто нема адреса а јасна им е само на оние кои ја праќаат. Неважечките гласачки ливчиња се последниот и најопасниот феномен.

3.      Феноменот „Бели ливчиња“

Феномен кој е во ред само доколку гласачот има помеѓу 18 и 20 години и гласа прв или втор пат во животот. Главниот аргумент за излегување на гласање и оставање на неважечки  (познати и како Бели) гласачки ливчиња е феномен кој не само што не носи промени, туку индиректно им помага на владејачките партии да останат на власт (нешто повеќе подоцна во „Поврзаноста на неважечките ливчиња и Донтовиот модел“) Потребата од оставање неважечки ливчиња нејзините поборници ја толкуваат како порака којa се упатува кон политичките елити, а нивната крајната цел е утописката ситуација во која сите кои би искочиле на гласање би направиле неважечки ливчиња со што би се урнал целиот политички систем. Ситуација во која можат да веруваат само оние кои се политички полу-писмени.  Таквиот став „не гласам ЗА ама ниту ПРОТИВ“ е далеку поопасен од претходните два. Со ставање на неважечки лист во гласачката кутија се дава легитимитет на изборниот процес и на оној кој победил во него. Помалку штета прават оние кои воопшто не гласаат, за разлика од оние кои поништуваат гласачки ливчиња. Да се надеваш дека со неважечко ливче нешто ќе промениш е исто како да се надеваш дека со враќање на часовникот ќе го вратиш и времето.


Ова се главните замки во кои најчесто несвесно паѓаат добар дел од неопределените гласачи. Во земја како Македонија, која катадневно паѓа на испитите по човековите и економски слободи, опасно е голем број од гласачите да бидат пасивни.  Нормално е да се очекува дека сите не можат, и не сакаат да следат што се случува со политичкото владеење, но сите треба да знаат дека владеењето на правото, економската развиеност и сите останати параметри кои се клучни за стабилен живот, зависат токму од начинот на политичко владеење. И да, дефинитивно начинот преку кој секој  директно учествува во создавањето на иднината на неговата држава, е главно преку избори. Ниту едни избори нема да пропаднат доколку категориите погоре не гласаат за никого. Само ќе ја пропуштат шансата да учествуваат во можноста барем да се обидат да го дадат правецот по кој нивната држава би одела. И на крајот уште една забелешка. Сите погорни категории во иднина НЕМААТ право да се бунат за било што поврзано со државни институции, невработеност, ниски плати, високи казни и слично, бидејќи кога дошол моментот во кој можеле нешто да сменат, тоа им го препуштиле на другите. Па така, можат само да сркаат само она што другите претходно го надробиле, без право при тоа да се жалат колку солена каша сркаат.