Pages

Thursday, March 15, 2012

Рапсодија

Раздавам се од она Ништо што остана во мене. А Ништо не е постојано. Ништо е само процес...појава која мора да се случи. Кога – тогаш. Едноставно проветрување. И тогаш, ми текнува на ноќите поминати во крпење на соништата. Знам, едно време ги сошивав сите краеви, сите искинати спомени и прекинати сонови, со надеж дека ќе добијам една целина. Едно големо ништо. Се покривав со целата таа ништовна рапсодија...криејќи се од светот...криејќи се од себе. Некој рече – болката нема минато. А некогаш престанува и пред да почне – додавам јас. Надвикувајќи ги гласовите во мојата глава, недвосмислено заклучувам дека некои врати мора да останат неотклулчени. Бркајќи ги сенките околу мене, пребројувам колку од нив имаат лица. Бројот не го наоѓам, бидејќи и јас самиот сум по себе сенка...


...ги урнав темелите на последниот мост, што ме поврзуваше со ДЕНЕС. ДЕНЕС остана на другата страна комплетно отсечен од мене. Случајно живеам во ВЧЕРА, копнеам по ДЕНЕС, а намерно бегам од УТРЕ. Се обидов да ги спојам сите во едно, исто како и крајот на изгорениот мост со неговиот почеток. Со гордост од големиот неуспех, ги насочив мислите кон последната целина што ја имав во близина. Кон целото Ништо што го поседував. А Ништо не е постојано. Само привремено е тука. Тука, во ВЧЕРА, ДЕНЕС и УТРЕ.


Некој рече: она што требало да биде - ќе биде. Ако не денес - утре. Денес е сенка на она што било, а не е – додадов јас.