Pages

Monday, October 1, 2012

Реквием за една есен



Ако некогаш Земјата реши да престане да се врти, а времето од инает одлучи да умре, тоа сигурно ќе биде на есен. Некоја есен...можеби оваа...можеби некоја друга години и години отсега. Есен, прекрасно време за умирање...затоа што зимата не носи ништо...а пролетта е доволно далеку за некој да реши повторно да се роди....



...совршено беше како нивните чекори одмерено ги газеа трулите лисја. Спореди ги чекорите со некого и ќе знаеш колку заедно може да бидете. Нивните беа необјасниво идентични и создадени едни за други. Зачудувачка беше нивната симетрија и речиси постојаното меѓусебно надополнување. Трагите кои зад себе ги оставаа на калливата почва создаваа приказна која единствено можеше да се прочита во моментот на пишување...се она што остануваше после тој момент беа половични стапки кои наликуваа на пресуда, некому можеби и на аманет...но никој ја немаше целосната слика. Но тоа беше на тлото, и убаво беше. Некаде погоре во воздушниот простор кој стоеше меѓу нив лебдеше прилично убедлива смеса од случајности, каења и повремени радости. Не постоеја зборови меѓу нив. Не, тие беа толку невешто направени што едноставно се распаѓаа на студениот есенски воздух...

  • Јас сум последната шанса да направиш добра работа во животот

Непријатна беше рамнодушноста со која тој одговараше на секој нејзин потег, збор мисла. Уште понепријатно беше неговото невешто гризење на усните кое имаше за цел да ги запре зборовите Некој и сега сигурно те сака, но тоа не сум ЈАС...и тешко дека некогаш ќе бидам...
  • Но јас те сакам
  • Да? А кого точно од десеттината ЈАС го сакаш, потенцирај ми.
  • Ти не си реален...ти си секогаш ЈАС...се помалку си НИЕ!

Понекогаш, мислите се погласни од зборовите. Но не и помоќни. Да, зборовите повредуваат, восхитуваат, купуваат, освојуваат и разочаруваат. Но никогаш не го поправаат она што делата и мислите го расипуваат. А нивните дела лежеа на влажната почва некаде меѓу трулите лисја и трагите од нивните чевли, отпечатоците на нивните души. Необјаснива беше леснотијата на нивното понатамошно чекорење, со истите перфектно усогласени чекори. Како оној мисловен дијалог воопшто да не се случи, иако и двајцата знаеа што не кажаа и што не слушнаа. Продолжија да чекорат без да бидат свесни и без да проверат дека љубовта почина на дваесетина чекори зад нив. И не им беше важно и не им пречеше. Доволно беше она што остана меѓу нив без разлика што љубовта веќе не беше таму. Есен, прекрасно време за умирање. Дури ни љубовта не можеше да му одолее.


No comments:

Post a Comment