Pages

Monday, February 16, 2015

Окупирани генерации

Ако секоја генерација има своја битка, тогаш несомнено, битката на мојата генерација е на што побрз и полесен начин да ја напушти оваа тажна земја. Мојата генерација, луѓе родени во втората половина од 80-тите години од минатиот век (85'-90'). Луѓе родени во можеби најпрогресивниот временски период, непосредно пред распадот на поранешната федерација. Генерација која беше родена во социјализам, која се вопситуваше во транзиција и која требаше да функционира во капитализам. За разлика од претходните, мојата генерација беше премлада за да ги сфати ужасите од општественото реформирање, но истовремено беше наполно спремна да се фати со сиот тој технолошки процут. Требаше да бидеме генерација која носи нов бран идеи, целосно усогласено со современите западни вредности. Но наместо тоа, мојата генерација ги усогласи своите вештини со потребите на западната цивилизација. Западно, а не овде, се разбира. Moјата генерација денес е окупирана од безнадежност и рамнодушност. Мојата генерација денес прави се освен што гради подобра иднина. Мојата генерација денес работи по бродови, Мекдоналдси, менува азбесни табли и лепи плочки на секој меридијан од овде па се до Калифорнија. Постојат и такви кои предаваат на ценети високообразовни институции, вршат одговрни задачи во реномирани корпорации. Овде, во нашава татковина мојата генерација, живее на реверс. Ги троши своите животи од денес за утре. Мечтае за подобри дни, додека чека некој да му го фрли ситнежот што некој мисли дека му е доволен. Сонува за редовен работен однос додека пополнува апликација за регулиран прстој во некоја друга држава. Мојата генераија денес има помеѓу 25 и 30 години. За многумина, тоа е возраста кога човекот станува свесен што сака, за што и како го бива. За многумина, тоа е возраст во која човекот е во најплодните години. Доволно е млад за да успее да се справи со сите товари, и доволно зрел за да најде начин како да успее. Тажно е тоа што во тие најплодни години, мојата генерација досега не изнедри ниту еден врвен музичар, актер, спортист, писател, режисер и слично. Судејќи по околностите, веќе нема ни да има некој таков. Постојат, за волја на вистината, некои мали искри кои ги осветлуваат сите оние мали јадра во кои се уште се ценат некои вистински вредонсти. Но тоа е поразувачки недоволно. Но затоа, мојата генерација извади по некој заменик-министер, и неколку директори на јавни претпријтија, што само докажува дека сите желби може да станат реалност, само ако имаш подобна припадност и малку снаодливост. Затоа, ќе си дозволам да кажам дека мојата генерација, умствено и духовно е МРТВА генерација. На нашиот споменик ќе стои краток епитаф со порака Сите наредни генерации да не бидат како нас, во спротивно, ќе го изгубиме и последниот атом од она што се нарекува Вредност.


Деновиве при посетите на окупираните факултети, видов генерација, или барем солиден дел од една генерација, која не сака да живее во околкости што мојата генерација ги дозволи. Видов генерација на која вложувањето во сопствената земја и е поважно од зелените карти и иселеничките визи. Со воодушевување гледав во енергијата која се излева со секој кажан збор, со секој направен потег. Моменти подоцна станував резигниран, знаејќи дека е ѓаволски тешко нешто да се промени во оваа коматозна состојба на државата. Сепак, на крајот од денот оптимизмот ме совладува, па со задоволство заклучувам дека генерацијата родена после мојата генерација е доволно храбра, одлучна и воспитана за да може да донесе нов поредок на нештата. Па така, епитафот на мојата генерација, нека стане крштеница на некоја нова позрела, послободна и поодговорна генерација. Нека тие после нас го освојат она што ние не успеавме да го одбраниме. Нека тие окупираат знаење и вредности, наместо да дозволат да бидат окупирани од медиокритет и полтронизам

Thursday, March 13, 2014

Три феномени на погубно политичко неделување



Правото на глас е есенцијата на секој демократски систем.  Со собирање на доволен број на гласови се менуваат власти на локално и државно ниво, но и се воведуваат или укинуваат одредби за кои постои широк граѓански договор преку Референдум (на локално или државно ниво) како врвен  инструмент на непосредна демократијаИако правото на глас е најлегитимниот и најдемократскиот начин за менување на една власт, многумина не веруваат дека нивниот глас може нешто да промени. Таквото сфаќање на избирачкиот процес може да се темели на недоволната политичка писменост помеѓу гласачите, или пак на нивното свесно неделување кое може да биде мотивирано од Х причини. Луѓето кои се решаваат на различни начини на бојкотирање на изборниот процес, по дефиниција не припаѓаат на ниту едно гласачко тело, или „партиско стадо“, но тоа нималку не ги амнестира од одговорност од крајниот исход. Имено, кој и да победи на едни избори, неговата победа во добар дел се должи и на оние кои не гласале. Поборниците на изборните бојкоти ќе ви дадат десетици причини и објаснувања за нивните мотиви да не гласаат. Јас издвоив три феномена кои се појавуваат во македонското гласачко тело, а за кои сметам дека се најчести, и меѓу себе подеднакво опасни, особено во држава како Македонија, која се уште е далеку од демократска зрелост.

1.      Феноменот „Сите се исти“

Ова е најчестиот одговор кој ќе го чуете од поборниците на бојкотирање на изборните процеси. Теза која во својата суштина ја открива немоќта на поединецот нешто да смени дури и кога му се нуди таква можност, но и теза која во себе крие склоност кон авторитарност, бидејќи она „сите се исти“ значи дека кој и да владее, ќе владее како неговиот претходник. Оттаму поборникот на ова тврдење со неизлегување на избори остава другите да му одберат водач, кој секако ќе биде ист како претходниот. По ваквиот став логично е прашањето зошто поборниците на „Сите се исти“ не заговараат укинување на изборите и оставање на власта да владее во наредните 100 години? Бидејќи сите политички субјекти се исти, нема потреба од трошење државни пари на толку скапи процеси како што се изборите. На минатите избори во Р.М. беа предложени 18 пратенички листи создадени од партии или коалиции, со преку 50-тина политички партии. Тврдењето дека сите 18 листи се исти е мошне опасно и истото во голема мера им одговара на владејачките партии. Освен ако сите 18 листи се далеку под интелектуалното или социолошкото ниво на оној кој ги смета за исти. Што од друга страна го најавува феноменот број два.

2.      Феноменот „натпартиска и натполитичка личност.“

Тоа се луѓе кои гласно заговараат дека политиката е само за „неуките простите и безрбетниците“. Во своите настапи јасно и недвосмислено тврдат дека политиката никогаш не била “кул“, додека исто толку јасно и недвосмислено го мешаат „партиското“ и „политичкото“, постојано не правејќи разлика помеѓу партија на власт и држава. Велат дека не се „замараат“ со политика, не знаејќи дека и најобичната забелешка кон лоша услуга на пример во здравство, судство и слично е токму тоа – „замарање“ со политика! Редовно мудруваат на социјалните мрежи како државата е срање и уште поредовно не преземаат ништо за да променат. Излегувањето на избори за нив е далеку под нивното интелектуално ниво, а самиот чин за заокружување на било кој број на гласачкото ливче го сметаат како издавање на нивниот кул и хипер урбан дух. Дури и ако рекреативно се појават на гласачко место, по дефиниција прават неважечко ливче преку кое ја „праќаат нивната порака“ која најчесто нема адреса а јасна им е само на оние кои ја праќаат. Неважечките гласачки ливчиња се последниот и најопасниот феномен.

3.      Феноменот „Бели ливчиња“

Феномен кој е во ред само доколку гласачот има помеѓу 18 и 20 години и гласа прв или втор пат во животот. Главниот аргумент за излегување на гласање и оставање на неважечки  (познати и како Бели) гласачки ливчиња е феномен кој не само што не носи промени, туку индиректно им помага на владејачките партии да останат на власт (нешто повеќе подоцна во „Поврзаноста на неважечките ливчиња и Донтовиот модел“) Потребата од оставање неважечки ливчиња нејзините поборници ја толкуваат како порака којa се упатува кон политичките елити, а нивната крајната цел е утописката ситуација во која сите кои би искочиле на гласање би направиле неважечки ливчиња со што би се урнал целиот политички систем. Ситуација во која можат да веруваат само оние кои се политички полу-писмени.  Таквиот став „не гласам ЗА ама ниту ПРОТИВ“ е далеку поопасен од претходните два. Со ставање на неважечки лист во гласачката кутија се дава легитимитет на изборниот процес и на оној кој победил во него. Помалку штета прават оние кои воопшто не гласаат, за разлика од оние кои поништуваат гласачки ливчиња. Да се надеваш дека со неважечко ливче нешто ќе промениш е исто како да се надеваш дека со враќање на часовникот ќе го вратиш и времето.


Ова се главните замки во кои најчесто несвесно паѓаат добар дел од неопределените гласачи. Во земја како Македонија, која катадневно паѓа на испитите по човековите и економски слободи, опасно е голем број од гласачите да бидат пасивни.  Нормално е да се очекува дека сите не можат, и не сакаат да следат што се случува со политичкото владеење, но сите треба да знаат дека владеењето на правото, економската развиеност и сите останати параметри кои се клучни за стабилен живот, зависат токму од начинот на политичко владеење. И да, дефинитивно начинот преку кој секој  директно учествува во создавањето на иднината на неговата држава, е главно преку избори. Ниту едни избори нема да пропаднат доколку категориите погоре не гласаат за никого. Само ќе ја пропуштат шансата да учествуваат во можноста барем да се обидат да го дадат правецот по кој нивната држава би одела. И на крајот уште една забелешка. Сите погорни категории во иднина НЕМААТ право да се бунат за било што поврзано со државни институции, невработеност, ниски плати, високи казни и слично, бидејќи кога дошол моментот во кој можеле нешто да сменат, тоа им го препуштиле на другите. Па така, можат само да сркаат само она што другите претходно го надробиле, без право при тоа да се жалат колку солена каша сркаат. 

Sunday, January 13, 2013

Проштално писмо (Збогум граду мој)


И покрај сите колебања, недовршени страници и залудно потрошени мигови, јас сфатив дека едноставно мора да ти пишувам. Знам дека е бесцелно, но ете дел од мене неповратливо бара да потрошам страна две посветени на тебе. Јас знам дека ниту илјадници вакви писма нема ништо да променат. И наполно сум убеден дека и после ова, јас ќе бидам јас, а ти ништо повеќе од она што си сега. Воопшто и не се сеќавам кога прв пат те нареков Љубов. Можеби тоа беше едно пеколно топло јулско утро, кога со моите девет или десет години, те здогледав на старата автобуска станица меѓу сиот оној метеж од луѓе и звтомобили, и мешаницата на стотина гласови и мириси. А можеби те засакав и многу порано. Онаму, кај еден бледа и тесна барака на која пишуваше „Железничка станица Ѓорче Петров“. Се сеќавам како низ магла, враќајки се по неколку месеци од место кое денеска е туѓо, и јазик кој денеска е непознат, во себе си спомнав дека ти си мојот единствен свет. И се уште го паметам радосното светкање на очите во таа далечна средба. Ете, мојата љубов трае...траеше со децении. Но што денес, љубов моја? Останаа безброј заеднички талкања, безброј студени, пријатни, весели, тажни, топли ноќи во кои јас и ти, заедно осамени се баравме себеси. Јас се уште не се пронајдов, а ти уште толку се изгуби. Не, јас денес не те познавам. Денес нема ниту момент од тебе кој ќе ми создаде трепет и восхит од твоето присуство. На премногу луѓе им дозволи да те променат. А јас дозволив да гледам како бегаш од мене. Се помалку мигови ме прават среќен со тебе. А се сеќавам...се сеќавам како да беше вчера, кога не сакав никогаш да те напуштам, кога силно посакував таксито да вози километри и километри подалеку од крајната дестинација, да бидам што подолго со тебе. Сите оние места што некогаш значеа среќа денеска се гробници на спомени, прекирени со мрачни сеништа од ребрасти лимови, украсени со прашина, и промени во непознато. Граду мој, порано беше љубов, денес си само казна. Не ни сонував дека некогаш ќе те изгубам. Не ни замислував дека наместо со мене и сега, ќе се дружиш со Барок, Кич и Шунд. Граду мој, некогаш ти припаѓав. Денес, живеам во тебе, покрај тебе, само поради пресуда. Денес не си веќе љубов. Денес си само лоша навика. Навика која сепак ме тера да ти се израдувам секој пат кога по подолго време повторно ќе те сретнам. И навика која во следниот момент ми кажува колку ТИ веќе не си ТИ. Граду мој, после нашата љубов останаа само пар насмевки просеани по „Орце Николов“, дузина среќни погледи на расцветаните јапонски цреши на „Максим Горки“ и стотици гадења од сиот тој мермер, закоравена бронза и сета онаа смеса на се она што е неспоиво. Граду мој, лесно ги продаде сите оние зеленила во кои те љубев. И сите чекори во бескрајно долгите прошетки низ тебе, веќе не значат ништо. Не, јас повеќе не те чувствувам, јас механички живеам покрај тебе. Во слава на некогашната и никогаш неповторлива љубов. Граду мој, порано беше љубов, сега си само обично тажно и диво градилиште. И сите оние кранови висат како Дамоклов меч над нас и нашето заедничко постоење. Не, јас веќе не делам ништо со тебе. И сите оние спомени што ги врежав веќе не постојат. Заминаа под налетот на моќните булдожери. Би сакал уште еднаш да те гушнам пред да заминам, но верувај ми дека немам сила ниту за тоа. Се плашам дека ако повторно ти пријдам, ќе ме измамиш со сентименталност и повторно ќе ме заробиш. Збогум граду мој. Не свртувај се, и не моли ме да останам. Не сум толку моќен за да те вратам. Исто како што не бев моќен да ги спречам сите оние кои толку те нагрдија. Кои од дама те претворија во евтина курва. Зборгум граду мој. Те молам зачувај ми барем една улица непроменета, за да имам каде да останам кога ќе се вратам...некогаш Зачувај ми макар стотина метри кои барем малку ќе ме потсетуваат на една долга и тажна љубов. Збогум граду мој, ќе те спомнувам секогаш и секаде, како пример како прекрасна бајка се руши во невиден кошмар. Збогум граду мој...







Thursday, November 22, 2012

Светот не е доволен


Самото дишење ми беше напор таа вечер. Вечер која ми се чинеше дека никогаш нема да заврши. Едноставно, Земјата преспоро се вртеше, а нашиот разговор течеше без никаков ред и распоред. Таму, во еден од аглите на нашето прибежиште. Место со поглед на ништо, мирис на неодреденост со ѕидови на сивило и веќе одамна пропуштена надеж.

  • Среќен ли си? - одѕвонуваше нејзиното прашање низ полупразните чаши, како стари никогаш неусогласени камбани.

Не знам зошто но тоа за мене е секогаш најтешкото прашање. Ќе изустев едно НЕ ЗНАМ како по обичај, но разлеаното СРЕЌЕН направи толкава дамка на излитениот чаршаф па знаев дека нема да бидат доволни двата збора, иако навистина не знаев. Никогаш и не сум знаел.

  • Што е Среќа? Како дефинираш кој е среќен а кој не е? - никогаш не сум одговарал на прашање со прашање, само сум ги користел прашањата да напраам вовед. Го добив воведот па продолжив. Ако среќата е отсуство на тага, тогаш да среќен сум. Но ако среќата е присуство на радост, тогаш за жал сум несреќен. Ете јас немам ни тага ни радост во мене, па не знам дали сум среќен, мене понекогаш ми се чини дека сум. Но постојат ноќи кога сум сам со перницта, и не се чувствувам среќно. Знаеш, ти си вистинскиот ти само оние неколку минути додека дојде сонот. А во тие мигови, понекогаш ниту светот не е доволен за да бидам среќен. Ако прашањето за тоа дали сум среќен е сега во моментов, тогаш ДА. Среќен сум...но не премногу...

тешките прашања секогаш одат во пар. Го знаев тоа отсекогаш па бев подгвотвен и не и дозволив да ме изненади.

  • А зошто пишуваш? Те прави тоа среќен? - постојат прашања кои немаат одговор, и се бескрајно глупави. Да, ова беше такво.
  • Пишувам затоа што морам. Пишувам само кога морам и никако поинаку. Ако престанам да пишувам ќе ја изгубам врската со самиот себе. И не постои некој што е среќен кога пишува. Не сум ни јас. Среќен сум кога ќе завршам со пишување, кога ќе видам дека приказната преживеала, дека не исчезнала во оној вртлог од мисли и размисли.

Нејзиниот порозен поглед не кажуваше ништо. Најмалку дека разбира што и кажувам. Сепак нејзиниот несигурен став јасно даваше до знаење дека се ќе се заврши многу скоро. Овде и сега, без можност за поправен. И двајцата го знаевме, и се чинеше дека и на двајцата ни беше сеедно. Можев да го одложам крајот, но бев уморен од предигри. Искрено жал ми е за тебе...јас можев да ти бидам најдобрата работа што некогаш ти се случила во животот..Не, мислата не ја претворив во зборови и порака. Сакав да ја кажам, но почуствував некое пецкање на јазикот, слично на оноа после силна ментол бонбона. За првпат премолчив нешто. За првпат се плашев нешто да кажам. Не знам, можеби ме плашеше тоа што милсата беше навистина чиста вистина. Од оние најчистите. А некои вистини се поголеми кога ќе се премолчат.

Thursday, November 8, 2012

Комедија на апсурдот



Влегувањето на Јан во скромната таванска соба воопшто не го вознемири спокојот, кој украсен со остатоците од неделниот ручек, вирееше меѓу неговите брат и сестра, Софија и Атанас.

  • Каде беше? - запраша Атанас,кршејќи го неколкуминутниот молк, кој во собата никогаш и проживеал подолго.
  • Секаде...натака и навака. Шетав наоколу. Сепак затоа се неделите нели? - одговори Јан гледајќи во Софија која пак незаинтересирано гледаше низ прозорецот.
  • Мислев дека ќе одиш во театарот. Баш пред малку слушнав дека ќе гостувала некоја Комедија на апсурдот од соседниот град. ..
  • Хах...беше тоа некогаш театар Атанасе, беше – го прекина Јан. Имаше фантастични дела...сека само куп изнајмени актери кои одат наоколу и праваат идиоти од себе, смеејќи го за жал успешно овој намачен народ.
  • Јас бев пред неколку недели и беше многу убаво. - се уфрли Атанас. Баш беше смешно и забавно. А оваа Комедија на апсурд, што и да значи тоа апсурд е доста фалена. Може ќе одам нареден пат.
  • Не знаеш што е апсурд? - го Праша Јан
  • Мислам дека знам. - одговори Атанас. Апсурд е она кога велиш дека ја бркаш љубова и даваш нозе како демек може да избега. Само на смешен начин тоа го правиш, па ќе биде комедија на апсурд.
  • Хаххаха – се изнасмеа Јан. Не ми се верува...тоа ти што го зборуваѓш е Апстра-ктно! Има голема разлика. Аххх Господе...што ли се случи со таа проклета криминализација на неподобната уметност и тоа смрдливо Министрество за цензура. - Јан го смени изразот на лицето во необјасниво тажен.
  • Еј што ти е? - извика Атанас. Па Криминализацијата на уметноста е една од подобрите работи. Време беше за такво нешто. Кому му требаат такви луѓе што ништо не прават за добро на државата. Уметност - тој расипан  свет на пороци, блуд и разврат. Уметници - досадни никогаш разбрани луѓе кои не ги бива за ништо освен да плукаат. По власта, по народот, по религијата, и кон се што е свето во оваа земја. И што има да се создава повеќе кога се е напишано, насликано одглумено?
  • Зарем навистина мислиш дека ти е се такви? Дека се опседнати со пороци и сето тоа? И како тоа ништо повеќе да не се создава? Зошто тогаш месиме леб денеска, кога има вчерашен, зошто градиме нови куќи кога се е изградено?
  • Нормално, тоа е точно. Како што кажа Вождот - пороците се ср'жта на уметноста. И се создава, да. Не е точно дека нема уметност. Ете Министерството за цензура секоја година печати книги и прави филмови и претстави.
  • Да да по десеттина книги и дупло помалку претстави.- започна Јан.  И во сите нив преовладува бајата комедија, секс и простотилак. Затоа што така е најлесно да го заглупавиш народот. Бидејќи ако му дадеш нешто подлабоко, тој ќе почне да размислува. Кога ќе подразмисли, ќе сфати дека нешто не чини во државава, дека се е заебано. А момент потоа ќе почне да бара промени. А тоа за власта е толку опасно, знам. Мислев дека ќе видиме подобро утре, само тоа нема да биде преку ноќ. Сега гледам дека тоа утре со секој ноќ станува се подалечно. Да ништо не доаѓа преку ноќ...ама доаѓа преку повеќе ноќи. Ете јас на пример повеќе ноќи не спиев и размислував, и на крајот одлучив. Кај и да е, за некое време, ќе купам пиштол и ќе се самоубијам. Само се плашам дека тоа ќе биде и поскоро од очекуваното.
  • Свесен ли си што кажа!? - извика Атанас. Па будало една за ова се оди во затвор. Немој, што ти стана? - прашуваше Атанас додека Софија со неверување гледаше кон двајцата.
  • Ништо! Сега веќе ништо не ми е- одговори Јан и замина низ вратата., оставајќи немир зад себе наместо спокојот кој го пречека часови претходно.

                                                .............


Неколку часови подоцна, подоцна во домот на Јан Софија и Атанас заѕвоне телефонот. По неколку потврди одговори, и по две Зошто и Кога, Софија ја спушти слушалката и растреперено му се обрати на Атанас.
  • Се јавија од Управата за спречување антидржавна и неподобна уметност...- трепереше Софија. Го уапсила Јан и уште неколку луѓе кои со него разменувале германски класици и нешто рецитирале. Нешто строго забрането.
  • Знаев! - извика Атанас. Знаев дека ќе го снајде вакво нешто, уште тогаш кога му ги најдов оние белешки под креветот.
  • Атанас, што ќе биде со нашиот брат. - праша Софија низ плач. Сега кога ми се јавија ми спомнаа пет месеци строг затвор. Атанас, што е тоа строг затвор? Што ќе му направат?
  • Ништо страшно сестро. Ништо болно и необично. Од она што го знам сега со совремниве технологии нема никакво физичко малтретирање. Сум чул дека строгоста е тоа што четринаесет саати на ден им пуштаат турбо-фолк музика, репризи на Вашите пет минути и Јади бурек емисијата. Да, тоа е строгоста верувај. За таквите како Јан тоа е стварно болно, ама за пет месеци ќе биде сосема нормално добро воспитано македонско момче. Верувај ми!
  • Ќе се молам што побргу да поминат тие месеци и денови, што побргу да го видиме нашиот Јан. Добра ноќ, брате. - рече Софија заминувајќи кон нејзината соба.

Sunday, November 4, 2012

Небото е се што имаме




Исти фрази кажани од различни луѓе не се исти. Исти фрази кажани од различни луѓе различно допираат. Исто како што и погледите не се исти. Ниту насмевките, ниту допирите. Начините преку кои ги примаме зборовите, ги фаќаме погледите, им враќаме на насмевките и ги чувствуваме допирите, несомнено создаваат Љубов.“ неговите зборови лесно се тркалаа под студентото небо, вешто обидувајќи некого да убедат. На крајот, се поставуваше прашањерто дали и тој самиот верува во тоа што го говори, особено ако се земе предвид дека начинот на зборување имаше цел да посочи на она што некој отспротива сака да го чуе.

Не драг мој, љубов не постои. И немој да ги мешаш поимите. Она што ти го објасни, за начините погледите... сите тие начини доведуваат единствено до заљубување, што е дејствие а не е битие. Не драг мој, љубовта не постои. Постои единствено процес на заљубување, кое трае од моментот на спознавање на се она што ти треба содржано во една личност. Потоа преоѓа во навика. Лоша навика. А крајот е оној момент кога решаваш да ја смениш лошата навика. И пак да почнеш одново. И така, цел живот во кругови...некои пократки, некои подолги“ нејзините реченици беа јасни и уверливи. Нејзиниот глас јасно даваше до знаење дека самоуверено стои зад секој искажан збор. Дека се што кажала го искусила и поминала.

Јас никогаш нема да го најдам тоа што го барам. Знам за тоа и не се жалам. И знам дека нашиот круг завршува тука. И не жалам поради тоа. Жалам само што ќе нема победник. Како и да е, квалитетн круг беше тоа. Иако ете најдов замена на замената на замената на нешто што одамна сум го имал. Само бледа одвај видлива копија.“ зборовите му беа повеќе за себе, затоа и беа невообичаено тивки.

Никој не го наоѓа она што го бара, не грижи се, само научи се да живееш со тоа. Биди како мене. Погледни горе и сфати дека после се, небото е се што имаме. Не постои поубаво место каде да ги пратиш зборовите кои не сакаш никој и никаде да ги чуе. А наскоро ќе отвориме нов круг секој посебно, секој со нов противник“ имаше тежина нејзиниот совет, најмногу и тежеше искреноста со која го соопштуваше.

Но јас веќе немам кому да пишувам. Колку и да е големо и добродушно небото, нему не можа да му пишам, ниту да му раскажам. Ниту приказна, ниту исповест“

Драг мој, не ти требаат приказни. Ние бевме приказна, убава приказна. Сепак како и да е, кога и да сакаш да напишеш нешто, погледни кон небото и напиши го. И знај дека секогаш, ама секогаш на другиот крај од небото, со поглед различен на него, ќе стојам јас. Мене, секогаш ќе можеш да ми пишуваш“ нејзините зборови ечеа низ воздухот. Се засилуваа со секој нејзин чекор подалеку од него.

Денови подоцна, навистина почнаа да цртаат нови кругови. Месеци подоцна тој се уште не и напиша ништо, и никогаш нема да и напише. Ќе и кажеше таа вечер, но таа прерано си замина. Ќе и кажеше дека секогаш ќе има кому да му напише, секогаш ќе има некој кој ќе го чита. Но не и кажа дека нема ЗА кого да пишува...немаше а изгледа веќе нема ниту да има некоја што ќе го инспирира, да седне да поарчи дузина часови со мислите, мастилото и хартиите. Години подоцна кога и двајцата сменија неколку круга, одвреме навреме ќе погледнеа кон небото. Секој под своето парче црн чаршаф. Ќе ги погледнеа разиграните ѕвезди и ќе се потсетеа на потрошените денови и ноќи, што заеднички, што засебнии. Да, сепак после се, небото беше се што имаа.  

Thursday, November 1, 2012

Порака




Приликите си доаѓаат и заминуваат, но желбата секогаш останува. А желбите се она што некој навистина е. И тој ден беше полн со прилики и желби. Сонцето над испотените улици носеше спокој и лежерност кои малкумина можеа да ги видат. Ги виде и таа, но не им се препушти. Седната сама на најбучното место во градот, на липовата улица, безупешно се обидуваше да си ги слушне мислите. Да го протолкува она што беше запишано пред нејзе. „Ти не разбираш...Јас не сфаќам...Јас...јас не си верувам...“ Долго гледаше во тие прекинати реченици испишани со невешт ракопис на едно истуткано сино хартивче. Не знаеше дали пораката е нејзина, или била наменета за нејзе. Не знаеше воопшто дали ја испратила, или треба да ја добие. На секој случаен поглед, пораката се менуваше. Од рефлексијата на сонцето и се причинуваше дека ЈАС и ТИ понекогаш се претопуваат во еден збор – НИЕ. А веќе на следниот поглед, виното на нејзините усни да прочита дека ЈАС и ТИ создаваат МИНАТО. Сонцето упорно врвеше по својата оска случајно фрлајќи некој зрак кон нејзината маса, давајќи му сосем необична боја на виното во нејзината чаша. А ниту сонцето ниту виното не можеа да и помогнат да пронајде одговори. Дали тој ќе дојде предоцна, или таа ќе замине прерано? И каде ли заминува љубовта кога ќе се потроши? Се топи ли во воздухот или едноставно се сели кај други? Убава беше глетката од нејзината маса. Убав беше светот околу нејзе. Седејќи така сама спроти сонцето, со виното пред нејзе, не ни претпоставуваше дека таму некаде нечии мисли се претопуваа низ нејзини калапи. Дека нејзиниот поглед беше нечија неостварена прекрасна приказна. Но тоа беше таму некаде, а таа беше тука и сега. Растојание од неколку илјадници мисли. Исто толку колку што и во моментот постоеја во нејзината глава. Чудно беше колку многу луѓе ја знаеа а толку малку ја познаваа. Колку многу ја посакуваа, а на колку малку навистина им требаше. Не го сфати тоа никогаш, ни за сето време минато на маста на липовата улица, со чаша и со истуткано хартивче пред нејзе, и со куп приказни во нејзе. Моментите тврдоглаво итаа еден кон друг, упорно обидувајќи се да ја убедат да го затвори кругот. Веќе знаеше дека треба да замине. Го зеде синото хартивче и внимателно го стави во џебот...сепак беше дел од нејзе. Стана од најбучното место и си замина, оставајќи белег на липовата улица. Чаша вино која нестрпливо очекуваше некој друг гостин, да ја раскаже приказната што таа му ја напиша. Со сигурни чекори гордо ја напушташе улицата додека светот ја чекаше. А без нејзиното присуство, светот беше премногу сиромашно место.